„Кога видов кој ќе зборува на панелот ми беше малку незгодно да зборувам пред овие великани, жртви на режимот, кои платија многу за своите ставови и тоа што им брцаа во око на власта“, изјави Павле Богоевски, на панелот „Жртвите на режимот“ во организација на ЦИВИЛ.
„Уште пред Шарена револуција имаше активисти кои беа осудени или притворени, со тоа власта на Груевски се пресметуваше со активистите. УБК имаа посебни мерки за неколкумина активисти. Јас одлучив да не носам маска во сите постапки и активности бидејќи сакав да се знае моето име и мојот лик. Јас не се чувствувам дека сум бил жртва на режимот. Јас имав привилегија да не поминам ниту еден ден зад решетки, освен многу физички напади, последното беше на 27 парил во Собранието. Имам казна за фарбање на Министерството за култура, и ние бевме свесни за последиците. Министерството за култура е под заштитно подрачје и тоа беше единствена логистичка грешка, и за среќа пропаднаа тие обвиненија кои не чинеа повеќе од еден нивни ручек од околу 200 евра“, рече Богоевски.
„Неспоредливо е тоа да не можеш да ги видиш ѕвездите, или да спиеш на мокри ѕидови, на ладно, но језиво е кога ќе одиш до продавница и не знаеш дали некој те гледа за да те претепа или да ти подаде рака. ТВ НОВА имаше дрон од живо пред Собрание, каде што е забрането да се снима, но не и за медиумот кој е контролиран од Груевски. На нас ни беше кажано дека надвор има 200.000 Македонци кои дошле да ги убијат предавниците кои се продадоа на Албанците. Но, за среќа немаше толку многу народ. Јас сум горд што по таа случка во Собранието веќе Груевски не е пратеник и е само обичен бегалец од правдата. Сега имаме една опозиција која не може да излезе од своите режимски методи, наспроти една демократска власт. Видовме како десните левичари ги убедуваат граѓаните дека „сите се исти“ злоупотребувајќи ги средношколските протести“, изјави Богоевски.