Гимназијата „Никола Карев“ денеска ги промовираше училницата за проби и новите музички инструменти наменети за наставни активности, кои ќе бидат достапни и за младите кои не се ученици на ова средно училиште.
Музичките инструменти се купени во рамки на проект финансиран од Програмата за финансирање програми и проекти на млади на Град Скопје за 2019 година, а реализиран од Центарот за креативно живеење парк и Арт хаус Карев.
Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху на денешната прес-конференција рече дека Градот секогаш е заинтересиран да ги поддржува проектите што ја промовираат урбаната и младинската култура.
– Неодамна, со МКЦ ја отворивме Галеријата на графити во Катната гаража „26.Јули“. Кај овој проект многу ни се допадна што користи веќе постоен јавен простор, дел од средно училиште на Град Скопје, ја надградува неговата намена и го отвора за користење за сите млади. Веќе неколку години гледаме како оваа гимназија се повеќе прераснува и во културен центар, па и не случајно беше дел од „Бела ноќ“ во 2018 година, а познати се и други соработки со институциите од културата за кои е надлежен Градот. Исто така, бидејќи со средствата добиени во рамки на Програмата за млади за 2019 година се купени музички инструменти, тоа ќе овозможи придобивките од овој проект да се чувствуваат уште многу години, рече Салиху.
Денешната промоција беше збогатена со заедничко музицирање на младите музичари од Арт хаус Карев со нивни поискусни колеги.
Многубројни „каревци“ свират во познатите бендови Визија, Pluto’s Doubts, Астероид, Culture Development, Black and Vice Social Club, 101, Freak Unique, Black Pool и други.