Оливер Спасовски премиер, Мила Царовска вицепремиер за економски прашања на местото на Анѓушев кој од 3 Јануари се повлекува. Шефиците на кабинетите на Спасовски и Царовска, Славјанка Петровска и Санела Шкријељ, ќе бидат дополнителни заменици министри во двете министерства. Ова се новите кадровски решенија за техничката влада кои СДСМ ги донесе на денешниот Централен одбор, дознава Фронтлајн.
Според Изборната регулатива тоа треба да се случи 100 дена пред изборите, а со оглед дека тие се договорени за 12-ти април, последниот рок е трети јануари. На седницата на ЦО треба да бидат предложени и дополнителни замeници министри, како и кадровски предлог за нов вицепремиер за економски прашања, по најавеното повлекување на Кочо Анѓушев од таа функција.
Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчера одржаа седници, но сè уште е непознато кои се кандидатите што партискиот претседател Христијан Мицкоски ќе ги предложи во техничката влада.
Засега е само извесно дека Мицкоски е партиски кандидат за мандатар, и дека ВМРО-ДПМНЕ е уверена во изборна победа.
„Централниот и Извршниот комитет дадоа целосна едногласна поддршка на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, да биде новиот мандатар, односно кандидат за мандатар по завршување на изборите на 12-ти април, на коишто ВМРО-ДПМНЕ ќе издвојува убедлива победа“, изјави Генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да предложи технички министри за два ресора: за внатрешни работи и за труд и социјална политика. Во тие ресори дополнителните заменици министри треба да бидат предложени од владејачката коалиција. Опозицијата, пак, ќе треба да предложи и дополнителни заменици министри во три ресори: финансии, земјоделство, и администрација и информатичко општество.
Остануваат само неколку денови до формирање техничка влада. Откако владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ постигнаа договор да бидат усвоени законски предлози кои се врзани со примена од 1 јануари, а кои претходно беа блокирани од опозицијата. Премиерот Заев во неколку наврати предупреди дека изборите може да бидат одложени сè додека опозицијата во Парламентот ги блокира законите од кои зависат платите, пензиите и инвестициите.
Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик-министер за тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, Државната изборна комисија (ДИК) е должна да донесе одлука во рок од 24 часа. Одлуката на ДИК е конечна.
А.З./ И.Т.З.