Претседателот Стево Пендаровски денеска, врз основа на член 84 од Уставот, а во согласност со член 43 од Законот за Владата, ќе му го врачи мандатот за формирање нова влада на Оливер Спасовски, соопшти кабинетот на претседателот, јавува МИА.
Во соопштението се посочува и дека по завршувањето на седницата во Собранието за избор на новата Влада на Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски во својот Кабинет – Вила Водно, ќе ги прими членовите на новиот владин состав.
Термините за двата настани, врачување на мандатот и приемот за членовите на новиот состав на Владата, како што е посочено од кабинетот на Пендаровски, дополнително ќе биде соопштено.
Премиерот Зоран Заев утрово изјави дека ја потпишал оставката, по што се очекува претседателот на Собранието да свика пленарна седница на која ќе биде констатирана оставката.
– Веројатно во моментот се поднесува. Утрово во 8.30 владата работи. Јас бев на работа, ја потпишав оставката, согласно договорот и согласно Законот за Влада. Верувам дека многу набрзо ќе стигне во Собранието за да може да почне процедурата во текот на денот за избор на преодната Влада, рече Заев гостувајќи во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.