Ливерпул официјално објави дека ќе има нов спонзор на дресовите почнувајќи од 1 јуни. Се работи за американската марка „Најк“, која го заменува „Њу Баланс“. „Енфилд“ не откри ништо за параметрите на договорот, само споменувајќи дека договорот е „повеќегодишен“.
Информациите во англиските медиуми за условите се доста различни, но скоро сите тврдат дека договорот, кој е за пет години, ќе биде рекорден за англискиот фудбал, земајќи ги во предвид сите клаузули и бонуси, или барем ќе биде близу до сегашниот рекорд.
Според „Дејли мејл“, договорот е апсолутен врв за англискиот фудбал и изнесува 80 милиони фунти – пет милиони повеќе од оној на Манчестер Јунајтед со „Адидас“.
Според „Атлетик“, фиксната сума е само 30 милиони за сезона – 15 милиони помалку отколку што даваше „Њу Баланс“. Од тука, сепак, започнува долгиот список на дополнителни услови, што значително го зголемува вкупниот износ. Ливерпул ќе добие 20% од целата продажба на производи (тука ќе има значителен приход за клубот за секој продаден дрес), со исклучок на копачките за кои процентот е намален на 5%. „Најк“ исто така ќе му обезбеди на клубот лиценцирани производи во вредност од 2 милиони фунти плус 19% попуст на стандардни цени во Велика Британија.