Гласањето во шпанскиот парламент почна напладне, а по 2 и пол часовната дебата, Санчез ги доби потребните 167 гласови за да ја формира новата влада. Формирањето на владата во Шпанија ќе го отвори патот за ратификација на протоколот со кој нашата држава ќе стане 30-та членка н НАТО, бидејќи Шпанија е единствена држава која се уште го нема направено тоа.
Ова е посебно важна вест за Република Северна Македонија затоа што уште две ратификации, онаа во шпанскиот Парламент и таа во Собранието кај нас ја делат од полноправното членство во Северноатланската алијанса, кое ќе биде реализација на стратешката цел, зацртана со консензус во 1993 година. Се очекува, до крајот на месецот новата шпанска влада да го ратификува, протоколот.
За десет месеци Протоколот за пристапување во НАТО го ратификуваа 28 од вкупно 29 членки, а приемот на Северна Македонија како 30.членка на НАТО е извесно, влезот е само формалност, бидејќи одлуката и согласноста од 29 земји-членки е веќе дадена.
Се чека ратификацијата во шпанскиот Парламент, но тоа таму ќе се случи откако привремениот шпански премиер Педро Санчез ќе формира Влада. Тоа не успеа да го направи завчера, а за да формира влада на неговите социјалисти и левичарската партија „Обединети можеме“ втора можност ќе добие денеска. Санчез завчера во Парламентот освои 166 гласови, а за потребното мнозинство му требаа 176.
Од наша страна, пак, предлог-законот за ратификација веќе е во процедура, откако Владата се одлучи за предвремена ратификација со одложено дејство, со цел да не се загуби континуитетот во процесот на официјализирање на нашето членство со оглед дека парламентот се распушта во февруари.
Ј.Ѓ/ И.Т.З.