Денес се навршуваат 77 години од смртта на Трајко Тарцан – Илинденски, заборавен херој од НОБ, командант на нападот на Прилеп на 11 октомври 1941, политички комесар на првиот прилепски Народноослободителен партизански одред (НОПО) „Гоце Делчев“, инструктор на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, политички комесар на Покраинскиот оперативен штаб, политички комесар на велешкиот НОПО „Димитар Влахов“, прекален борец и другар, безмерно храбар партизан.
Тешко е ранет на Божик во 1943 година кај велешкото село Сливник. Не можел да го продолжи патот, па соборците го засолниле во колиба подалеку од селото. Тука е предаден и тука го положил животот за Револуцијата и за Македонија.
За него најдобро ќе кажат неговите соборци и другари, па затоа, во продолжение ќе бидат пренесени неколку извадоци од книгата „Тарцан“ на Љубен Георгиевски – Љупта.
– За неговата последна битка
„…Откако малку се прибра од напорот и му се избистри заматениот поглед, над селото Сливник ја здогледа полициската потера во борбен поредок. Повеќе немаше сили да бега. Немоќно подмижувајќи со очите ги гледаше омразените сиви униформи како се приближуваат. Брзо се ослободи од минатото. Спомените исчезнаа. Беше немоќен, без сила уште еднаш да го искине синџирот на непријателскиот фашистички обрач. Го прегледа уште еднаш пиштолот, ги спреми бомбите и почна да чека да се приближат. Ги виде како ја околија колибата. Им беше страв да влезат во неа. Се слушна пукот. Полицајците ја прорешетија колибата, а откако видоа дека никој не се спротивставува, собраа сили да влезат во неа. До него допреа допреа изливи на бес кога не го најдоа во колибата. Како пси започнаа да ја пребаруваат околината. Брзо ја пронајдоа неговата трага и виде како започнаа да го опколуваат врбјакот. Чекаше. Дојдоа до врбјакот, но не се решаваа да влезат во него.
– Опколен си! Предај се! Нема ништо да ти биде! – викаа од сите страни.
Решението, жив да не падне во рацете на фашистите, го имаше донесено многу одамна. Знаеше дека тој момент дојде. Не можеше повеќе да молчи, дојдоа многу блиску. Го потпре пиштолот стегајќи го со растреперената изнемоштена рака и истрела во месо. Истрела уште еднаш, уште еднаш… Ја фрли бомбата… Остана уште еден куршум. Ја стави цевката на слепоочницата и го повлече орозот. Пукотот, што го смири засекогаш, уште еднаш ги натера фашистите да ги пикнат главите во снегот. Илинденски беше мртов. Телото беше смирено, но од раната на раскрвавената глава, се уште капеше крв на окрвавената белина на снегот.
Фашистичките полицајци се плашеа и од мртвото тело на херојот. Помина долго време додека се уверија дека неговата рака не може повеќе да го впери оружјето во нив. Со страв се приближуваа кон местото каде беше паднат, очекувајќи секој момент да рипне кон нив. Тишината што легна над долот ја прекинаа радосните извици на тие што го пронајдоа неговот мртво тело. Го извлекоа на патот, а потоа на коњ го донесоа во селото Рлевци.
Телото, на кое се гледаа траги од изживувањата на бугарските фашисти, само по долна облека, беше фрлено во училишниот двор. Полицајците се изживуваа пеејќи и играјќи крај мртвиот Тарцан. Набрзо тука ја донесоа заробената Маца Овчарова. Започнаа да ја мачат и со сила да ја тераат да го гледа мртвиот Тарцан, докажувајќи ја својата ѕверска сила врз немоќната партизанка. Ископаа дупка, во која го фрлија мртвиот Тарцан и ја натераа во неа да слезе Маца, да му ги намести нозете. Само што слезе, врз изнемоштената измрцварена партизанка започнаа со лопати да фрлаат земја. Таа немаше сили да се извлече. Остана во дупката жива закопана крај мртвиот комесар.
Така заврши богатиот револуционерен херојски живот на Трајко Бошкоски – Тарцан – Илинденски, командант на прилепските востаници, примерно храбар војник на нашата Револуција, секогаш предан и доследен на идеите на работничката класа на својот народ и на татковината.“
– За него
„…во Прилеп, во 1941 година, единствен човек, комунист, илегалец и партизан за кого, навистина целиот град раскажуваше беше Трајко Бошкоски – Тарцан. Тој, покрај другото, во октомври 1941 на два пати водеше оружен судир со бугарската полиција сред град, а едниот пат среде бел ден и, се разбира, и двапати успешно се извлече од блокадата.
За бугарскиот окупатор, особено за нивната полиција, Тарцан беше страв и трепет, а за народот безвремен херој…“ – Вера Ацева, Народен Херој
„… Јас бев вљубен во него. Ме импонираше како сокол, како раскажувач, артист, рецитатор и со својата преданост кон револуционерното дело. Постојано се дружевме. Беше импулсивен, буен темперамент, ентузијаст, предан со секоја клетка, без резерви. Имаше забавувачки и артистички способности. Работите знаеше убаво да ги прикаже. Имаше и способност да привлече кон себе луѓе и да ги води. Кога ќе отидеше во Белград ни беше тешко, но, кога ќе се вратеше, доаѓаше побогат, донесувајќи идејно освежување и новини. Ние преку него ја ширевме нашата визија. Живиот збор од него делуваше врз нас посилно од пишаното што го читавме. И студентите носеа новини, но неговото беше поинакво. Се движеше во Синдикатот, со работничката класа, а тоа беше многу значајно. Оттука започна моето другарување со Тарцан.“ – Перо Ивановски – Тиквар
„…Кога беше ранет во левата рака и кога прстите му се провиснаа, ме тераше да ги откинам. Тоа не можев да го сторам, а кога дојдов до него, го видов малото прсте фрлено во снегот… Тарцан во себе го носам како најголема револуционерна личност и најголем јунак од борците со кои се сретнав во тие тешки времиња.“ – Тахир Ќамуран
Користени извадоци од книгата „Тарцан“ на Љубен Георгиевски – Љупта
подготвил: Игор Талески