„Кадрите на Мицкоски во преодната Влада освен опструкции и ширење на невистини во јавноста покажаа големо непознавање и непочитување на граѓаните. Техничката министерка од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи очигледно самата се фати во сопствените лаги“, изјави Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ и пратеник во Собранието на денешната прес конференција.
„По објавените информации во медиумите за нејзин профил на глобалната мрежа за онлајн работа „Ап Ворк“ Мизрахи негираше, односно тврдеше дека наводно станува збор за лажен, односно злоупотребен профил. Невозможно е некој во туѓо име да направи и да користи профил на платформата Ап Ворк.
При креирањето на профил на оваа мрежа потребни се целосни и сеопфатни податоци, поткрепени со официјални документи за стекнато образование, сертификати, документи за дополнителни вештини.
Станува збор за сериозна платформа со софистициран начин на работа, при што се внесуваат лични документи, лични податоци и информации, како банкарски сметки, пејпал профил и слично кои никој друг не може да ги знае освен тој што го создава профилот.
Конечно по одреден период за потврда на автентичноста на профилот доаѓа токму од страна оваа платформа.
Ако било така како што тврди, зошто Мизрахи со години немала пријавено злоупотреба на лични податоци и кражба на идентитет до надлежните институции?“, објасни Костадинов.
Не е спорно некој преку глобална мрежа за услуги да заработува. Спорно е неискрениот пристап пред граѓаните.
Костадинов додаде дека на 12 април граѓаните ќе ги казнат и ќе ги поразат погрешните политики на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.