Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, кој деновиве ја обвинува власта дека Државната видеолотарија троши милионски суми за набавка на коцкарски апарати, во декември 2012 година гласал за измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, со кои се овозможува формирање на Државна видеолотарија. Државната видеолотарија беше проект на поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески, кој беше и предлагач на законските измени, кои беа усвоени во Собранието на 28 декември 2012 година по скратена постапка. Според извештајот од гласањето на седницата, „за“ гласале 63-ца пратеници, меѓу нив и Димовски, тогаш како пратеник од власта, пишува Сакам да кажам.
Тогаш, Ставрески образложуваше дека законските измени се прават од причина што приредувањето на електронските игри на среќа бара поголемо вложување на средства, односно користење на направена технологија, хардвер, софтер и слично и со тоа ангажирање на поголеми финансиски средства и затоа оставаат можност акционерското друштво каде што државата е акционер со најмалку 51% или содружник да може во партнерство со друго друштво да ги приредува електронските игри на среќа.
Државната видеолотарија беше основана во јули 2014 година, а партнер на државата е Касинос Аустриа Интернационал Македонија, која поседува 49% од акциите.
Илија Димовски утринава твитна дека Државната видеолотарија во последните 20 месеци направила два тендера за набавка на коцкарски апарати, со вкупен износ од 13.970.700 евра.
Резултати од гласањето за измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри во декември 2012: