Денеска во Собранието започнува јавната расправа за Законот за јавното обвинителство. Очекуваме отворена, суштинска, плодна дебата за ова законско решение кое значајно за правдата и за сите граѓани. Воедно, ова е можност ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да одлучат, дали ќе застанат зад Законот за јавно обвинителство или како и досега ќе застанат зад криминалот. Законот за јавно обвинителство овозможува сите предмети на СЈО, но и сите останати случаи, да имаат професионална и објективна завршница, затоа што само така ќе се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем, изјави денеска на прес-конференција, Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата.
„Политиката мора да остане надвор од изборот на обвинителите за да им се остави простор за независно, стручно и објективно постапување, а тоа ќе се постигне само ако се донесе законот. Сите демократски капацитети во државата и нашите стратешки меѓународни сојузници го поддржуваат законското решение кое обезбедува независност и професионалност на јавните обвинителства, само ВМРО ДПМНЕ се против. Очекуваме дека со денешната јавна расправа ќе се подобри текстот на Законот кој е важен за нашиот евроинтегративен процес. Законот за јавно обвинителство не е услов пред ЕУ, но е добра можност да покажеме дополнителен аргумент, да покажеме демократски капацитет за градење на силни, независни институции кои ќе се борат против криминалот и корупцијата. Убеден сум дека свесноста кај пратениците од важноста за овој Закон е голема и дека по влегувањето во собраниска процедура ќе биде обезбедено потребното мнозинство за негово донесување“, изјави Митрески.