Кога веќе сака да прави споредби, и споредува периоди Чулев требало да знае дека оваа година беше спроведена втората клучна реформа во Министерството за внатрешни работи, со одвојувањето на доскорешната УБК од МВР и формирање на новата Агенција за национална безбедност, вели во реакцијата на денешната прес-конференција на минситерот за внатрешни работи Наќе Чулев, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Славјанка Петровска, пренесе МИА.
Како резултат на процесот на селекција на кадрите во новата АНБ, појаснува таа, околу 270 вработени не беа селектирани во новата Агенција, и согласно закон тие остануваат како вработени во Министерството за внатрешни работи. Процесот на нивно распоредување, потенцира Петровска, бил започнат и повеќе од 50 проценти биле распоредени во соодветна законска постапка и тие вработени, вели, немаат поднесено приговори.
– После скандалозните три телеграми, од кои последиците се уште не се надминати во целост, Наќе Чулев излезе на прес конференција на која наместо да се истакне како професионалец, прочита партиски текст, напишан од советниците во сенка. Поистоветувањето на партиски соопштенија и настапи во министерства зборува за неможноста да се одлепите од партиски влијанија, порачува Петровска.
Таа тврди дека останатите решенија се согласно потребите на службата и новиот правилник за систематизација на работни места и истите се издадени во законска постапка. Според неа, министерот Чулев треба да знае дека решенијата може да се изготвуваат постојано, но не смеат да бидат врачени додека работникот е оправдано отсутен, што, како што посочува, и се нема случено.
– Во извештајот на комисијата кој самиот тој ја фомираше, е наведено дека организациските единици треба да се произнесат и доколку се констатира дека истите се незаконски да се постапи согласно закон. Членовите на комисијата која тој ја формираше не се сигурни дали неколкуте решенија се незаконски или не, туку за тоа вели дека се надлежни организациски единици во МВР, стои во пишаната реакција од дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Петровска.
Петровска во однос на распоредувањата во пониски звања без дисциплинска постапка, бара Чулев да објасни како го оправдува својот потпис на решение за распоредување на вработен во Министерството кој од началник на Сектор во УБК со стаж од 44 години, посочува, го распоредува на работно место инспектор за имотни деликти.
– Или вработен со завршен Природно-математички факутетет од работно место началник на одделение за телекомуникациско истражување го распоредува на работно место главен инспектор за семејно насилство. Или пак вработени со завршено високо образование од областа на шумарство и земјоделие се распоредуваат во инспектори за семејно насилство и малолтеничка деликвенција, вели Петровска и прашува дали во случајот со распоредувањата во неговиот кабинет беа почитувани одредбите од Законот за внатрешни работи за распоредување на работник во повисоко звање.
Што се однесува до тужбите за неисплатени прекувремени часови, потсетува дека во буџетот за оваа година во МВР се обезбедени финансиски средства за исплата на бонус плата, со цел да нема нови тужби.
– Ова е првпат да се обезбедат финансиски средства за оваа намена иако проблемот е стар со години. Во име на вработените во МВР ви упатувам порака да ги потпишете решенијата за исплата на овие средства и да не ги чувате во кабинет, стои во реакцијата од Петровска.
Меѓу другото побара Чулев да објасни за 12.000 евра потрошени во Агенцијата за разузнавање за телефонски сметки на поранешниот претседател Ѓорге Иванов и неговата сопруга Маја.