пишува: БИЛЈАНА БОГДАНОВСКА
Веќе една година секојдневно се возам со градски автобус и тоа време за мене е уживање. Не затоа што се возам во најсовремени превозни средства, туку затоа што тоа време ми е резервирано за читање.
Седнувам на првото празно седиште и ја отворам книгата. Така повеќе не сум во автобус, туку некаде во Норвешка, во Париз, на далечниот исток, зависи од изборот на четивото.
Патувањето ми трае до половина час и одлично е што тргнувам од прва станица, па има каде да седнам, но на враќање е друга песна. Се качувам на „Рекорд“, па ретко има каде да застанеш, а не пак да седнеш. Сепак, `заразата ме чеша`, па повторно вадам книга, потпрена на некој од држачите. Едвај најдувам место за книгата, ама читам. Какви погледи добивам тогаш да знаете. Со зачуденост ме гледаат, отвораат уста, како да ме прашуваат: „Што ти е на тебе: Сега и овде ли најде да читаш?“. Демек, нема место да стоиме, не пак да читаме. Погледите со презир и гнев, не ги ни коментирам.
Ги погледнувам благо и мило. Затоа што тоа се добива со читање. Благ и мил поглед кон секого. Како што вашите зачудени и полни презир погледи се лепат за мојата кожа, така мојот поглед само ве милува. Ако забележите, може и да ве смири, да ви даде сигурност, дека, ете, некој непознат ви ја разбира сета мака.
Најдоброто е што читајќи долгото патување поради метежот во сообраќајот се скусува. Па, неретко ми фалат уште станица, две да дочитам нешто интересно.
Не дека не ми се случило последна да излезам од автобусот кој стои веќе пет минути на последна!
Еве и една друга случка. Погледнувам низ прозорецот на автобусот, однадвор залепен со перфорирана хартија од некоја реклама, па слабо се гледа до каде сум. Помислувам дека ја промашив станицата, излетувам од вториот кат на авотибусот и сфаќам дека сум кај „Зелен пазар“. Имам уште две станици, па повторно влегувам во истиот автобус, седнувам на истото место, и ја отворам книгата. Дури и мене ми беше непријатно, а помислував дека другите си велат: „Што ѝ е на лудава?! Така ѝ е кога не крева глава од книгата!“ Нивните погледи и потсмев го кажуваа тоа.
Жална е сликата кога знаеш дека малкумина читаат, барем во автобус. Во една година, покрај мене, во автобус сум видела да чита една жена (за која знам дека работи во книжарница) и уште двајца. Сите други гледаат во телефоните. Потајно се надевам дека читаат некоја книга на телефон. Не, а?
Можеби пак на Фејсбук гледаат некоја фотографија од европските центри каде петмина на метар квадратен во метро читаат книга.
Се надевам дека е така и едвај чекам да влезам в автобус попладнево, да заминам до Венеција со „Дувачот на стакло од Муарно“ од Марина Фиорато, а да стигнам во Ново Лисиче.
Сите права се задржани. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.