Македонскиот документарен филм „Медена земја“ не освои Оскар во двете категории во кои беше ниминиран.
Петчлената авторска екипа и пчеларската кралица Атиџе, кои ја внесоа македонската кинематографија во елитата на Оскарите – режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, снимателите Фејми Даут и Самир Љума, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев, нè претставија со сиот нивни сјај и квалитет, на светскиот филмски крем на свеченоста на 92-рото доделување на најпознатата филмска награда.
Тамара, Љубомир, Самир, Фејми, Атанас и Атиџе и „Медена земја“ не ја добија статуетката, но сепак ја испишуваат новата филмска и културна историја на нашата земја.
„Медена земја“ влезе и во историјата на Оскарите, како прв филм номиниран и за најдобар интернационален филм и за најдобар документарец и тоа ќе остане запишано засекогаш.
Филмскиот свет во „Долби“ театарот ги прегрна нашите медени јунаци, но не ги награди со позлатената статуетка, затоа ние ќе си ги прегрнеме кога ќе ни се врата и ќе го негуваме ова „суво злато“ што го имаат тие во себе.
Радувај се народе, не добивме ОСКАР, но имаме ПОБЕДНИЦИ!
Во категоријата најдобар документарен филм оскарот скарот го доби „Американска фабрика“, а за најдобар интернационален филм Оскарот отиде кај филмот од Јужна Кореја „Паразит“.
Ј. Ѓ.