Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова попладнево од говорницата во Собранието побара сите што се осомничени и обвинети во некакви постапки, да не дискутираат за Законот за Јавно обвинителство. Рангелова рече дека и таа има мислење за Законот за ЈО, но ќе го каже во друга прилика, кога ќе се заврши предметот против неа.
„Сите оние кои се затекнати во случаи, обвинети, или во истражна постапка, да не учествуваат во расправа за овој закон. Денес нема да зборувам за законот бидејќи сметам дека како пратеник што е инволвиран во случај од СЈО не би требало, додека нема завршница на мојот случај, да зборувам за овој закон. Ова го зборувам бидејќи сметам дека е принципиелно оние што се инволвирани во некакви случаи да не учествуваат ниту во приговори ниту во изјаснување за овој закон. Прво, бидејќи сметам дека ние како луѓе, кои сме дел од предмети, имаме пресумција на невиност, но секогаш може да се каже меѓу граѓаните дека имаме конфликт на интереси. Нормално е кога сме засегнати, да не говориме.“, рече Рангелова
Пред пратеничката Рангелова, на говорницата говореше пратеникот Илија Димовски кој е обвинет во случајот „Талир“, под обвинение, кое се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.
Рангелова е обвинета во случајот „Шамари во Центар“.
А. Зеќири