Собранието со 62 гласа „за“, 26 „против“ и без воздржани на 136. седница ја разреши Рашела Мизрахи од функцијата министер за труд и социјална политика. Премиерот Оливер Спасовски, образложувајќи го Предлогот за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, рече дека побарал таа да биде разрешена по серијата нејзини настапи на кои грубо ги прекрши законите кои го уредуваат уставното име на земјата.
Дискусијата од повеќето пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот одеше диригирано и во насока на етничката и полова припадност на Рашела Мизрахи.
Од СДСМ реагираат на таквата реторика и во нивното соопштение велат да не помислува извршителот Мицкоски да злоупотребува пол, национална, етничка припадност, висина, како што тоа го направија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ осомничените Милошоски и Димовски.
„Тие навреди и лаги полни со насочена омраза на национална, етничка и родова основа кои ги искажа ВМРО-ДПМНЕ во Собраниската сала и преку медиумите под нивна контрола покажува колку се во паника извршителите на Груевски. Победи владеењето на правото и заштитата на Уставот, победи заштитата на стечајците, на иднината на државата и членството во НАТО и ЕУ.
Никој не смее да го крши Уставот и да се обидува да ја враќа земјата назад, да ја оддалечува од НАТО и ЕУ.
Пред Уставот и законот сите се исти. Уставот важи за сите подеднакво.
Северна Македонија мора да биде правна држава, рамо до рамо со европските демократски држави.“ се вели во соопштението за јавноста од СДСМ.