Стотици луѓе денеска излегоа на улиците на Хонг Конг во знак на протест против најавените планови на официјален Пекинг некои цивилни згради да се пренаменат и адаптираат во карантински центри.
Интензитетот на антивладините протести, кои почнаа во јуни минатата година, се намали во последно време, бидејќи повеќето граѓани, во општата паника предизвикана од појавата на Ковид-19, не ги напуштаат своите домови без потреба.
Незадоволството кулминира, а одлуката на началничката на Хонг Конг Кари Лам, која одби целосно да ја затвори границата со Кина, ја прелеа чашата, коментираат медиумите.
Поради нејзината одлука, дел од медицинскиот персонал почна штрајк со кој ги поддржуваат граѓаните и се собираат во помали групи раштркани низ различни делови на градот.
Стотици демонстранти денеска се собраа во северните области на Хонг Конг, Таи По и Тин Шуи Ваи, како и во Аберидин, некогашно рибарско пристаниште, а денес најголемата урбана област во Хонг Конг
Демонстрантите извикуваа слогани против последната одлука на Пекинг, повикувајќи на „револуција и ослободување на Хонг Конг“. Тие носеа заштитни маски и речиси сите беа облечени во црно.
Локалните телевизии емитуваа снимки од полицајци со опрема за разбивање демонстрации кои користат солзавец и апсат демонстранти.
Иако голем број гранични премини со Кина се затворени, Лам рече дека целосно затворањето на границите со Кина би било „несоодветно, непрактично и дискриминирачко“.
Според најновите податоци, во Кина со Ковид-19 досега се заразени повеќе од 66.000 луѓе, а над 1.500 починале како резултат на коронавирусот.
Во Хонг Конг досега се потврдени 56 случаи и еден починат пациент.