Продолжува офанзивата на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Највисоко на агендата, веќе вообичаено е претседателот на СДСМ, Зоран Заев и сите успеси на македонските евроатлантски аспирации. Сепак, прилично високо на црната листа на озлогалсениот Центар за комуникации се наоѓа и министерот за здравство, Венко Филипче.
Така, денеска, ВМРО-ДПМНЕ испрати уште едно соопштение до јавноста со горе-долу предвидлива содржина.
„Филипче да не се крие зад Министерството и да престане да го злоупотребува за лични соопштенија во самоодбрана за криминогените афери и скандали, коишто се видливи за целата македонска јавност, но не гледаат само институциите на хибридниот режим“ – се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ одговори со соопштение во кое се вели дека во ВМРО-ДПМНЕ постои само штаб за обнова на режимот и одбрана на криминалот, раководен од извршителот на Никола Груевски, Христијан Мицкоски.
„Криминалното време на ВМРО-ДПМНЕ го урниса здравството, немаше лекови, клиниките и болниците беа руинирани и во големи долгови, со неупотреблива опрема и дефицит на медицински кадар. Згора на тоа, ВМРО-ДПМНЕ го намали капитациониот бод на матичните лекари и ги намали нивните приходи“ – се вели во соопштението на СДСМ.
Според СДСМ, „извршителот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не можат да понудат ништо во интерес на граѓаните, најмалку во здравството“.
Како и во повеќе прилики порано, СДСМ констатира:
„Мицкоски се обидува да им ветува на специјалистите нешто што СДСМ го оствари.“
Во својот одговор на наводите од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ денеска, СДСМ ја потсетува јавноста дека од февруари платите на лекарите специјалисти се зголемуваат за 25 отсто. Кумулативно, за две и пол години, лекарите специјалисти ќе имаат за 40 отсто повисоки примања, општите лекари за 25 отсто, сестрите за 20 отсто, а здравствените соработници за 15 отсто.
Наместо да чека инструкции од Будимпешта и да го брани криминалот, го упатуваме извршителот Мицкоски да ги прочита извештаите на Државниот завод за статистика, таму може да види со какво позитивно темпо растат платите во овие две и пол години, како во здравството така и во сите останати сектори.
На извршителот Мицкоски треба да му биде јасно дека нема враќање назад. На 12 април граѓаните ќе порачаат режим никогаш повеќе!“