Техничкиот премиер и еден од потпретседателите на СДСМ, Оливер Спасовски денеска изјави дека интезивното договарање за предизборна коалиција очекува да биде со повеќе партии.
– Разговараме со партии со ткн. албански предзнак, но и на Србите, Роми, Власи и Бошњаци. Ќе објавиме коалиција кога ќе ги имаме сите детали. Очигледно е дека ќе има голема победничка коалиција. За нас е важно СДСМ која има јасен концепт и визија за евроинтергација, економски развој и подобрување на животен стандард, да создаде коалција која верува во овие принципи, нагласи Спасовски, кој денеска ја пушти во употреба новата шестоседна жичница на ски-центарот Попова Шапка, со должина на трасата 1.420 метри и максимален капацитет 3.200 скијачи за еден час.
Тој повтори дека СДСМ има огромен коалициски потенцијал, а веќе се работи и на внатрепартиските одлуки.
– Може да разговара за идна коалиција со скоро сите политички партии и очекувам деновиве да се завршат сите тие постапки и внатре во партијата и заедно со потенцијалните коалициски партнери и ќе може да ја затвориме таа политичка приказна, рече Спасовски.