Бројот на заразени со новиот корона вирус според последните податоци изнесува 98.437 луѓе во целиот свет.
Досега од последици од вирусот починале 3.387 лица, а излекувани се 55.659 луѓе.
– Бутан денеска соопшти дека во земјата е потврден првиот случај на Ковид-19. Се работи за 76-годишен американски турист кој на 2 март пристигнал во Бутан од Индија.
– Кинеските власти денеска соопштија за 30 нови смртни случаи, со што вкупниот број на починати во Кина достигна 3.042 лица. Од 3 март бројот на починати од новиот коронавирус во Кина е меѓу 30 и 40 лица. Денешната бројка на смртни случаи е најниска од 27 февруари.
– Во Јужна Кореја во последните 24 часа се регистрирани 518 нови заразени и седум починати. Вкупниот број на заразени сега изнесува 6.284, со 42 жртви.
– Италијанските медиуми јавија дека бебе старо 45 дена е позитивно на новиот коронавирус.
– Унгарија го потврди третиот случај на зараза со новиот коронавирус.
– Здравствените власти во Ирска соопштија за првиот случај на зараза кај човек кој не патувал во регион зафатен со коронавирусот. Во земјата веќе има 13 заразени.
– Белата куќа не успеа да испорача доволно опрема за тестирање на коронавирусот.
– Брод на еквадорската морнарица со 50 луѓе е во карантин откако е утврдено дека еден член на екипажот бил во контакт со првото заразено лице во земјата. Сите морнари моментално се негативни, но сепак се ставени во изолација.
– Во карантин се и дански фудбалери од клубовите Брондби и Лингби. Клубовите минатиот викенд играле натпревар, а дополнително е утврдено дека еден пензиониран играч бил заразен со коронавирусот. Во карантин се 13 лица од Брондби и три од Лингби.
– Во Рим е регистриран првиот смртен случај од Ковид-19. Се работи за жена која имала кардиоваскуларни проблеми.
– Вработените на Гугл во Калифорнија добиле можност да работат од дома.
– Во Иран се регистрирани 3.513 заразени, а починале 108 лица.
– Во Индија се регистрирани нови случаи и во земјата сега има вкупно 30 случаи на инфекција.
– Во САД починале 14 лица.
– Палестинскиот претседател Махмуд Абас прогласи 30-дневна вонредна состојба на Западниот брег каде се регистрирани седум случаи на заразени со новиот корона вирус.