Вечерва во Дневникот на МТВ1 беше претставена песната и спотот на овогодинешниот македонски Евровизиски претставник Васил Гарванлиев. За Нумерата „YOU“ со која Гарванлиев ќе не претстави на Евросонг во Ротердам во мај, музиката ја напиша Невена Нешкоска, а текстот е на Невена Нешкоска, Калина Нешкоска, Алис Шредер. Продукцијата и аранжманот го направија: Дарко Димитров, Невена Нешкоска и Лазар Цветкоски.
Спотот е во режија на Милена Виитман, а монтажата ја направи Ѓорѓи Вацев. Продуцент е Јелмаз Дервиши.
„Од 250 песни пристигнати на конкурсот, на целиот евровизиски тим и мене, песната „You“ ни се допадна од прва. Испратив и јас неколку мои песни, но решив егото да го тргнам на страна и да го изберам она што е најдобро. Сакав да испеам моќна балада, ама сепак избравме брза песна која е покана за танц и која се надевам ќе допре до сите“, рече Васил Гарванлиев на денешниот прес.
Васил Гарванлиев минатата година беше дел од екипата на Тамара Тодевска, каде се појави како придружен вокал на песната „Proud“. Инаку, Гарванлиев го паметиме по детскиот евергрин од „Златно славејче“ пред 25 години со песната „Марионка“. Животниот пат потоа Гарванлиев го однесе во САД, Италија и Канада, за пред неколку години се врати во Македонија.
Режисерката на спотот Милена Виитман вели дека е пресреќна што таа го режирала спотот за евровизиската песна.
„Ви благодарам Васил и Јелмаз на довербата. Ти благодарам Сара Цветковска (танчерката во спотот) на прекрасните очи и танцувачките потези.“, пишува Виитман на нејзиниот Фејсбук профил
Милена Виитман македонската јавност имаше прилика неодамна да ја запознае како режисерка на најновиот спот на Фолтин за „Ми се води љубов“, во кој исто така преовејуваат интересни танцови нишки низ целиот спот.
Ј. Ѓорѓиоски