Комисијата за заразни болести и комисијата за следење и информирање за состојбите со коронавирусот денеска на седница ќе разгледаат евентуални нови мерки за заштита на населението и превенција од натамошно ширење на вирусот кои ќе ги достави како предлог до Владата.
Министерството за здравство соопшти дека министерот Венко Филипче ќе одржи состанок со комисијата за заразни болести и комисијата за следење и информирање за состојбите со корона вирусот. Состанокот ќе се одржи во проширен состав, а на него ќе присуствуваат и искусни експерти од различни области.
Евентуалните нови засилени мерки за заштита на населението и превенција од натамошно ширење на корона вирусот, ќе бидат на дневен ред на денешната седница на Владата, а владината одлука ќе биде соопштена на прес-конференција веднаш по завршувањето на седницата.
Министерството за здравство, исто така, информира дека здравствената состојба на сите седум пациенти кои се позитивни на корона вирусот и се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, е стабилна.