Уште четири нови пациенти се заразени со корона вирус и ќе бидат префрлени на Инфективната клиника во Скопје, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Осуммината претходни пациенти со корона вирус се стабилни, освен првата пациентка од Дебар, кај која има влошување на состојбата и е на граница да биде поставена на машина за дишење.
Таа со нејзиниот сопруг на 26 февруари влегле во земјава од Италија, а на 7 март беа хоспитализирани.
Владата одлучи Дебар и Центар Жупа да се прогласи кризна состојба. Тоа значи дека ќе биде ограничено движењето во и од двете општини.
Изолиран е и државјанин на Македонија кој дошол од Германија, поради тоа што имал покачена температура при слетување на аеродромот во Скопје.
„Еден патник е стигнат на скопскиот аеродром. Наш државјанин од Германија. Суспектен бидејќи има лесно покачена температура. Тој е изолиран и му е земен материјал за тестирање. Изолирани се луѓето кои седеле околу него. По пристигнување на резултатите, ќе информираме за неговата состојба и начинот на лекување, како и за другите патници“, додаде Филипче.
Министерот побара да се почитуваат сите мерки на Владата и предупреди дека ако тоа не биде така, сите прекршители ќе се санкционираат.





