Министерот Филипче jа отвори денешната прва прес конференција со информацијата дека во нашата земја денес нема нови дијагонстицирани случаи на корона вирусот.
„Првата пациентка денес е пуштена на домашно лекување, а сите кои биле со неа во контакт се тестирани. Останатите 13 пациенти на Инфективната клиника во Скопје се со непроменета состојба, освен пациентката која е на респиратор, но кај неа состојбата се контролира“ изјави министерот.
„Пациентите во Дебар се на домашно лекување. Во координација сме со епидемиолозите во Дебар, од таму денес се тестираат 3 пациенти кои имале симптоми. Денес се тестираат 7 пациенти, некои од нив се вратени од Австрија и Германија.“
Граѓаните на Дебар и Центар Жупа се придржуваат кон мерките и одговорно ги почитуваат рестрикциите на Владата, смеат да излегуваат само оние на кои им е издадена дозвола и мораат да посетат лекар.
За денес е закажана седница на Владата во 19,00 часот на која ќе се разгледуваат дополнителни одлуки, по што министерот најави дека повторно ќе има прес конференција.
Министерот Филипче, за време на пресот, исто така додаде и дека се отворени телефонска линија на клиниката за Психијатрија за поддршка на граѓани и ранливи групи, психолошка поддршка за родители на деца во училишна и предучилишна возраст, поддршка за возрасни лица во самоизолација и за граѓаните на Дебар и Центар Жупа. Броевите дополнително ќе бидат соопштени.
Од утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести, Филипче издвои дека од работа се ослободува и еден од родителите на деца со цистична фиброза. Исто така, голем број медицински лица се евидентирани дека се на располагање, околу 440 медицински сестри и 200 анестезиолози од целата земја.