Во денешното учество на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, претседателот на СДСМ, Зоран Заев рече дека со тимот експерти работи на нов, огромен пакет економски мерки за поддршка на стопанството, на фирмите, работниците и граѓаните, за санирање на економските последици од глобалната пандемија со корона вирусот.
„Треба да имаме предвид дека сме земја во развој, која е финансиски стабилно ја затекна оваа криза, стабилен и ликвиден буџет, економски раст од 3,6%. Можам да кажам дека анализите се прават и наскоро ќе излеземе со нов, огромен пакет економски мерки. Се работи на овој пакет. Верувам дека на крај од сите земји во соседството ќе бидеме економски поподготвени и ќе дадеме поголема помош. Ние ќе бидеме земја со најголема помош во регионот по глава на жител за штетите од корона вирусот“ рече Заев.
„Пакетот на кој работиме ќе биде огромен и верувам дека сите анализи ќе завршат набрзо, да ги доработиме со коморите и синдикатите и верувам сите ќе бидат задоволни во државата. Верувам дека ќе поминеме преку 200 милиони евра, од кои околу 100 милиони евра ќе бидат за поддршка на компаниите. Нашата цел меѓудругото е да ги одржиме живи фирмите, ликвидни и стабилни но и вработените да останат во фирмите, не би сакале тие да бидат отпуштени и секако да одат на агенцијата за вработување па тука да плаќаме социјални надоместоци, технолошки вишок или слично. Сакаме за добробит и на работниците и на компаниите да ги одржиме во самите компании, значи пакетот ќе биде огромен. За нас секоја фирма е важна, секој работник е важен. Државата ќе помогне, солидарно да ја поставиме на здрави темели помошта. Со сите мерки ќе бидеме за пример, како што сме пример сега со здравствените мерки.“ рече Заев.