Земјите кои воведоа мерки на ограничување на движење за своите граѓани со цел да го спречат ширењето на епидемијата мора да го искористат тоа време за борба против вирусот преку нивните здравствени установи, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
„Барањето луѓето да останат дома и ограничувањето на движењето на населението претставува купување време и помал притисок врз здравствениот систем. Но, тоа само по себе нема да ја искорени епидемијата“, рече генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адхан Гебрејесус.
Тој ги повика државите да го искористат времето на изолација на своите граѓани за да го искоренат вирусот.
Земјите треба да ги прошират, да ги обучуваат и да им дадат упатства на здравствените работници, но и да имплементираат системи што ќе ги најдат сите сомнителни случаи, како и да го засилат тестирањето, соопшти Светската здравствена организација.