Министерката Шекеринска денес го поздрави официјализирањето на влезот на Република Северна Македонија во НАТО. На прес конференција на отворено, таа упати честитка до сите граѓани, до Армијата која сега е дел од најмоќнот воен сојуз во светот, и нагласи дека влезот во НАТО не е никаков подарок, туку е заслужен по големата посветеност и реформи.
„Со финалното депонирање на Североатлантскиот договор во Вашингтон, денес станавме 30та, полноправна земја членка на најмоќниот воено-политички сојуз на денешнината. Нека ни е честит! Денешниов ден го чекавме речиси 30 години. Но, покажавме дека со посветена работа и невозможното станува возможно. Велеа, не можеме да ги решиме проблемите со соседите, да го вратиме назад урнисаниот систем.
Го вративме достоинството на Армијата, тоа е Армијата која секогаш ќе застане пред своите граѓани да ги заштити. Голема благодарност до сите припадници на Армијата, сегашни и поранешни, покажаа како се сака татковината.
Членството не е подарок од НАТО, го заслуживме. Сега сме горди на нашиот успех.
Честитки до сите граѓани, до Армијата, но и до нашите сојузници. Не можеме сега да прославиме како што ова заслужува, но секој следен 27 март ќе го славиме како денот кога Република Северна Македонија стана полноправна членка на НАТО.
Нека ни е среќно, зборот е збор, а од денес ние сме НАТО!“ – рече Шекеринска.