Јас не се плашам од Корона, како рекол Господ така ќе биде, мене повеќе ме плашат лошите луѓе, вели Атиџе Муратова, хероината од документарецот „Медена земја“. Таа за mms.mk вели дека овој период додека сите се плашат од Корона таа повеќе е во Бекирлија, си дише чист воздух, сади лук, кромид и компир, се дружи и со кучето и со пчелите. Е токму пчелите овој период најмногу ја натажуваат, оти не и се сите на број. Разочарана е што има луѓе што сакаат само да му наштетат на другиот, пренесува mms.mk.
-Кај да бидам, тука сум со пчелите. Бев кратко во Дорфулија, го менувам кровот на куќата, но повеќе сум во Бекирлија. И кога се вратив имам што да видам, 20 нови трмки, кои требаше да се населат со пчели беа скршени а две трмки постари полни со пчели ми украле. А годинава не знам како ќе биде, малку повеќе дува ветер, а кога дува не се ројат. Мене ме нервира лошото во луѓето, да живее некој за да му наштети на другиот. Ете тоа не можам да го разберам. Јас никому не сум му наштетила, ниту сакам. Јас не сум таков човек и затоа тоа не можам да го разберам кај другите луѓе. …Од короната си побегнав еве има месец дена како сум во Бекирлија и никаде не мрдав. Бев на еден ден до Дорфулија и пак си побегнав. Ама не се плашам, иако викаат дека покритични сме биле со брат ми. Тој дека постар а јас со здравјето не сум добра и затоа. Ама не ми беше страв од короната. Ми беше страв што имав висок притисок. Од кучето што ме касна тоа се последици. Стравот. Имав 200, десетина дена не бев добра ама сега сум. Инаку, јас не ја ни размислувам корона. Затоа и ми е страв да гледам телевизија. Се тоа па тоа. Надеж имам дека ќе помине како и другите вируси. Ама ете во Свети Николе и светиниколско нема. Убаво се живее. Па во Бекирлија нема кој да ме зарази иако доаѓаат луѓе. Семејството ми се добри, ме викаат на гости ама јас ретко одам, еднаш годишно. Ако идам поретко повеќе ќе ме сакаат. Хахаха. Иако не можам да се пожалам, ме сакаат“, вели Атиџе.
Извор: mms.mk





