Фламингата кои досега беа во карантин, претпладнево се вселија во своето ново живеалиште во Скопската зоолошка градина.
Фламингата се карипски, вид на американско фламинго кое е најголемо и најрозево. На број се 15, сите се млади и сè уште го немаат добиено розевиот пигмент, кој ќе го добијат со правилна исхрана составена од специјален вид на ракчиња кои се увезуваат од Германија.
Од Зоолошката градина велат дека станува збор за едно од најубавите живеалишта за овие егзотични птици во Југоисточна Европа. Опфаќа внатрешен дел (40м2) и надворешен дел (120м2), со тераса за набљудување. Живеалиштето претставува мала лагуна со многу зеленило, базен за фламингата, како и посебен дел за хранење на птиците. Живеалиштето е заградено од сите страни, ќе има пристап само од една страна со стаклени прозори низ кои посетителите ќе можат да ги гледаат, но во исто време ќе бидат заштитени од несакани контакти на несовесни граѓани.
Живеалиштето за фламинга е финансирано од Градот Скопје, а веднаш до него при крај со изработка е и новото живеалиште за пингвини кое ќе биде отворено во текот на летото.
Тимот на Фронтлајн направи репортажа од Скопската зоолошка градина во време на пандемија, додеката фламингата сè уште беа во карантин.
И.Е.