Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој заедно со премиерот Спасовски денес беа на увид на работата на канализациониот систем во Арачиново во својата изјава ја истакна силната посветеност на развој на целокупната инфраструктура во државата и максималната фокусираност на реализација на крупните капитални инвестиции за обезбедување на поквалитетен живот на сите граѓани.
„Во Владината програма предвидовме капитални проекти за сите општини и за сите граѓани, овде во Арачиново ветивме дека ќе овозможиме подобри услови за живот, и ова е нашето ветување. Започнавме со изградба на канализација низ Арачиново во должина од 10 километри. Инвестицијата е вредна 1,7 милиони евра и можам слободно да кажам дека за прв пат ваква крупна инвестиција се реализира во Арачиново. Со проектот се предвидува изградба на 10 краци на канализациона мрежа да се изградат низ општината, а според договорот планирано е целосно да се заврши до март следната година. Тоа што е значајно е дека го решаваме најголемиот проблем што го имаат жителите на Арачиново“, потенцираше министерот Сугарески.
Тој најави дека следна фаза е изградба на пречистителна станица и секундарна мрежа, што значи насекаде низ Општината ќе има канализациона мрежа и потенцираше дека овој проект, како и многу други проекти во изградба на патишта, водоводи и канализации, гасоводот се започнати претходно и независно од изборниот процес или КОВИД кризата максимално се работи за да се реализираат и граѓаните да го почувствуваат нивниот бенефит.
„Ние како Влада се стремиме тоа да го постигнеме во секое населено место низ државата. Често говорам дека наша примарна цел е изградба на канализации и водоводи заради обезбедување на подобри услови за живеење за граѓаните. Моментално работиме на преку 30 проекти за изградба на водоводи и канализации во различни општини низ државата и тоа е доказ за нашата посветеност за подобрување на комуналната мрежа“, финално истакна министерот Сугарески.