Делегација од Република Северна Македонија, која ја предводеше вицепремиерката задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, преку видео конференциска врска учествуваше на политичкиот форум на високо ниво, организиран од Економско социјалниот совет на ООН (United Nations economic and Social Council – ECOSOC).
Вицепремиерката Царовска истакна дека е горда што земјава првпат во својата историја го доставува „Доброволниот национален преглед“ до Организацијата на Обединетите Нации.
-Доброволниот национален преглед дава слика или проценка за тоа на кој начин се усогласени развојната Агенда 2030 на ООН, со европската агенда и нашите стратешки приоритети. Утврдивме дека 83 отсто од она што значи национално законодавство, стратешки документи, акциони планови се усогласени со глобалните цели за развој и тоа укажува дека ние и како Влада, но, и како држава сме на правата патека да ги оствариме целите коишто се во целиот свет зацртани како потребни, се со цел да се постигне развој на општествата и на државите. Во овој процес учествуваа и навистина голем придонес дадоа и младите лица и граѓанските организации и реалниот сектор, но истотака голема благодарност и од ОН агенциите во Северна Македонија и постојаната координаторка на ОН Росана Дуџак, којашто навистина даваше постојан придонес за да овој документ биде направен, потенцираше вицепремиерката Царовска по презентацијата на Доброволниот национален преглед пред Економско-социјалниот совет на ООН.
На конференцијата, покрај Цавровска учествуваа и претседателката на МАСИТ, Анета Антова Пешева, како претставник на бизнис заедницата, директорката на тинк-тенк организацијата „Фајнанс Тинк“, Благица Петрески, како претставник на граѓанското општество, и претставничката на младинската мрежа „Y-PEER“, Кристина Ангeлевска, како претставник на младите.
Благица Петрески од „Фајнанс тинк“, посочи дека невладиниот сектор даде активен придонес во подготвувањето на овој документ. Главните постигнувања во изминатата декада во делот на луѓе, рече таа, се однесуваат на намалувањето на релативната сиромаштија, од 26 на 22 отсто, намалување на доходовната нееднаквост и забележување на пораст на средната класа меѓутоа истотака и преполовување на стапката на невработеност, во делот на жени клучните постигнувања се однесуваат на намалувањето на родовиот јаз во плати.
-Сепак нас ни преостануваат уште низа на предизвици. Во делот на пазар на труд клучните предизвици остануваат ниската неактивност, меѓутоа исто така и потребата за висока продуктивност, потребата за повиска доходна еднаквост останува и понатаму еден од клучните предизвици. Многу посериозен предизвик е еднаквоста на можности којашто е особено изразена во раното детство и истата треба да биде обезбедена. Ние верувам дека еднаквоста на можности може да биде двигател на просперитетот, да го зајакне економскиот одржлив развој, меѓутоа истотака да биде едно од решенијата за повиска продуктивност во економијата, кажа Петрески.
Претстедателката на МАСИТ, Анета Антова Пешева, која на презентацијата учествуваше како претставник на бизнис секторот во земјата, кажа дека дигитализацијата, како една од најважните гранки во Ковид кризата, а и во периодот кој следи е многу важна за развојот и за поставување на одржлив развој на сите држави во светот.
-Ние сме како ИКТ сектор многу задоволни дека сме присутни и сме вклучени во изработување на овие стратегии коишто ги прави државата. Јас мислам дека без ИКТ секторот веќе ниедна економска гранка нема да може да биде успешна затоа што претстои едно сосема поинакво гледање на работите во економијата како и во школството и во сите други сектори и гранки,, нагласи претседателката на МАСИТ.
На форумот, како претставник на младинските организации и воопшто младите лица, кои земаа активно учество во подготовката на Доброволниот национален преглед учествуваше и Кристина Ангeлевска од младинската мрежа „Y-PEER“.
-Ми претставува особена чест и задоволство да зборувам во име на младинската мрежа Y-PEER и сите оние предизвици на коишто младинската мрежа има работено за младите во нашата земја. Во изминатиот временски период помеѓу 2014 и 2020 година она што е исклучително важно да се напомене е колку на инклузивен начин младите учествувале во различни активности ширум земјата за да се работи на целите за одржлив развој особено за поквалитетно образование, подобри можности за вработување на младите како и овозможување на поквалитетен здравствен систем во нашата земја. Она што е исклучително важно да се напомене е дека никој не смее да биде изоставен. Исклучително важно е во интегративниот процес на суштинско работење за младите е да бидат вклучени сите млади и сите инклузивни категории во нашата земја, нагласи Ангелевска.
На овој форум, кој го водеше претседателката на ECOSOC, Н.Е. Мона Џул, беше извршена презентација на првиот „Доброволен национален преглед“ на Република Северна Македонија, a по обраќањата на официјалната делегација кусо обраќање имаше и резидентната координаторка на ОН агенциите во Северна Македонија, Росана Дуџак.