– Започнуваме со најзначајниот инфраструктурен проект за општините за изградба и реконструкција на преку 400 km локални улици во сите општини низ државата и Град Скопје за што инвестираме вкупно 70 милиони евра, објави на ФБ министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Како што истакнува Сугарески, тендерот е објавен а во прва фаза ќе се работи на улици во: Тетово, Ѓорче Петров, Врапчиште, Каропш, Кисела Вода, Илинен, Кочани, Кратово, Берово, Радовиш, Демир Хисар, Македонски Брод, Прилеп, Кавадарци, Неготино, Богданци Конче.
Седумдесет милиони евра ќе им бидат распределени на сите 80 општини за изградба и санација на локални патишта и улици, како и на друга патна инфраструктура во единиците на локалната самоуправа. Со оваа директна помош Владата ќе овозможи сите општини да се стекнат со можност да добијат од 500.000 до 2 милиона евра, во зависност од проектот со кој ќе аплицираат.
– Висината на распределените средства е различна за секоја општина и е утврдена согласно методологија воспоставена заедно со Светска банка. Како критериуми земени се бројот на население, бројот на населени места во општината, површината на самата општина и бројот на регистрирани моторни возила во неа. Според вака утврдената методологија, на секоја општина на располагање ѝ стојат од 500 илјади евра до 2 милиона евра и тоа зависно од висината на споменатите критериум, наведе министерот Сугарески во март на свечена церемонија на потпишување на меморандумот за соработка со сите општини и Град Скопје, на која покрај градоначалниците и претставниците на општините и на Град Скопје, како и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, присуствуваа и носителите на проектот, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерката за финансии Нина Ангеловска, како и претседателот на Владата Оливер Спасовски и заменичката на претседателот, задолжена за економски прашања, Мила Царовска.
Ј. Ѓ.