Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел, кој порачал дека се очекува од македонската влада да продолжи да ги исполнува реформите за членство во ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
Борел му честитал на Османи за новата функција во владата на премиерот Заев и ја нагласил потребата од реформи во правосудството, соопштија од кабинетот на Борел.
-Борел порача дека ЕУ очекува новата влада да продолжи да ги исполнува заложбите кон ЕУ, да ја одржи и забрза имплементацијата на реформите поврзани за ЕУ. Ова посебно се однесува на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал како и натамошното зајакнување на добрососедските односи, му рекол Борел на Османи.
ЕУ го поздравила и зголеменото усогласување на позициите на Северна Македонија со тие на ЕУ во областа на надворешната политика, и се заблагодарила за учеството и придонесите на Северна Македонија во безбедносните и одбранбените мисии на ЕУ.
Борел потврдил дека во текот на идниот месец Европската Комисија ќе го објави својот Економски и инвестициски план за помош на западниот Балкан, план кој треба да го стави фокусот на клучни инфраструктурни проекти во регионот.
Од кабинетот на Бујар Османи велат дека станало збор и за отворањето преговори за членство со ЕУ, кое Северна Македонија го очекува пред крајот на оваа година.
-Зеленото светло за старт на преговорите со Северна Македонија беше демонстрација на подготвеноста на ЕУ да презема стратешки и визионерски одлуки дури и во предизвикувачките и тешки времиња на соочување со кризата предизвикана со КОВИД-19 пандемијата. Како Европејци заедно се соочуваме со предизвикот на вирусот и високо ја цениме итната ЕУ помош пружена за нашата земја, како и за целиот регион. Ова е вистинското време ЕУ и земјите кандидати сериозно да го разберат значењето и важноста на солидарноста и меѓусебната соработка и заедно рака под рака да ги надминат социо-економските последици од пандемијата, изјави Османи.
На средбата станало збор и за регионалните прашања, поточно за дијалогот Белград Приштина, соопштуваат од кабинетот на министерот за надворешни работи, тој го уверил Борел дека ЕУ може да смета на Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот и “земја која е секогаш подготвена да помогне“ во напорите за регионална стабилизација.
Османи ја продолжува својата работна посета на ЕУ утре, тој ќе се сретне со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, како и со бугарски европратеници.