Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ја започна својата прва работна посета откако е на оваа функција, со средби во Европскиот Парламент, а попладнево се сретнува со високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
Османи претпладнево имаше состаноци со европратеници од главните политички партии во Европскиот Парламент. Клара Добрев, од Социјадемократската група, Михаил Галер од Европската народна партија, Ана Фотига од Конзервативната европска партија и Рајнхард Бутикофер од партијата на Зелените.
Од сите добил охрабрувачки пораки дека Северна Македонија треба да започне со преговорите за членство во ЕУ до крајот на оваа година, како што планира германското претседателство.
За тоа претходно треба земјите членки на ЕУ да ја усвојат преговарачката рамка за Северна Македонија, која во моментов ја блокира Бугарија поради билатерални несогласувања.
Според соопштението испратено од кабинетот на министерот за надворешни работи останува увереноста дека Северна Македонија ќе ја исполни својата стратешка цел годинава.
– Очекувам навремено усвојување на преговарачката рамка, притоа запазувајќи ги принципите на новата методологија во преговарачкиот процес. Ни претстои период на позитивна клима, многу работа, но и мотив за испорачување резултати од реформите на домашен план. Мојот фокус е продлабочување на добрососедските односи не само како наша автентична придобивка, туку и како активен придонес во регионалната соработка како клучна политика за одржување на европската идеја на Балканот, вели Бујар Османи.
Од Европскиот Парламент се заложиле да помогнат Северна Македонија да ги започне преговорите до крајот на оваа година. Истакнале и дека земјата треба да продолжи со реформите, а најавиле и продолжување на дијалогот “Жан Моне“ за олеснување на политичкиот дијалог помеѓу партиите во Собранието.
–Беше истакнато дека концептот на мултиетничка и мирољубива држава, посветена преку компромис и дијалог да доаѓа до решенија, се препознава како голем успех и претставува пример не само за регионот, туку и пошироко. Нагласувајќи го геополитичкиот аспект за важноста на проширувањето на ЕУ со регионот, беше едногласно констатирано дека Западниот Балкан е важен не само за безбедноста и стабилност на ЕУ, туку и за севкупниот економски, политички и општествен напредок на континентот, стои во соопштението на кабинетот на шефот на македонската дипломатија.
Овие прашања ќе бидат на дневен ред и попладнево за Османи, тој треба да оствари средба со неговиот ЕУ колега, Јосеп Борел, како и со специјалниот претставник на ЕУ за западен Балкан, Мирослав Лајчак, задолжен исто така и за дијалогот Белград-Приштина. Се очекува тема на разговор, меѓу другото, да биде важноста на Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот, посебно во време на тензии помеѓу соседните Србија и Косово.