Учениците кои немаат ИТ-уреди за да следат онлајн-настава преку платформата, часови ќе гледаат на Македонската радио-телевизија на која секој ден ќе бидат прикажувани 15-минутни видеа за секој наставен час. Часовите ќе почнуваат во 8.30 часот по утврден распоред за секое одделение, подготвен од Бирото за развој на образованието.
https://www.facebook.com/carovska.mila/photos/a.756963088183068/756963214849722/
Министерката Мила Царовска на својот Фејсбук ги објави распоредите со часови од прво до деветто одделение за наставата на телевизија и напиша дека едукативните содржини ќе бидат достапни за сите деца, а наставниците од утре ќе бидат во постојана комуникација со своите ученици.
– Оваа година е различна од останатите. Апелирам до сите да ги следат здравствените протоколи и наставните планови. Да останеме безбедни, а притоа да им овозможиме на децата да продолжат да учат и да се разиваат, напиша Царовска на Фејсбук.
Според анализите на МОН, околу 40 000 деца немаат соодветни ИТ-уреди и за нив алтернатива за следеење на наставата е физичко присуство во училиште, доколку тоа има дозвола, но и со согласност од родителите/старателите. Ако нема согласност од нив, ќе бидат обезбедени печатени материјали кои наставниците ќе им ги доставуваат на родителите и ќе се емитуваат 15-минутни видеа од наставните часови на националниот сервис.