Северна Македонија ќе стане дистрибутивна точка во регионот, за природен гас и истовремено ќе увезува за сопствени потреби, преку новиот енергетски пазар кој ќе го предводи Грција. Ова го извести помошникот-државен секретар на САД за енергетика, Френсис Фенон, по средбата со премиерот Зоран Заев.
Овој проект, додаде тој, ќе им овозможи на помали земји како нашата, да не бидат повеќе зависни од единствен извор на енергија туку да има пазар и можност за избор.
“Го посетив интерконекторот, гасоводот Грција-Бугарија, што ќе го води гасот нагоре, преку Бугарија и потоа другите приклучоци, преку Северна Македонија. Објективно, регионот во моментов има еден добавувач на енергија. Кога некоја држава е зависна само од еден снабдувач, тоа влијае на начинот на кој таа може да функционира и да ги реализира своите политики и развојот. САД има долгорочен интерес за безбедноста на енергетиката во однос на зависноста од енергија. Ако имате само еден извор, тоа не е пазар. Тоа е зависност. САД сака да види креирање на пазарот и креирање на опции. САД се едната опција. Ние сме горди што само што почнавме да извезуваме природен гас, течен гас. Од 2016 година досега сме трет извозник по големина, се надеваме дека ќе бидеме први”, изјави Фенон.
Претходно, претседателот на Владата Зоран Заев најави дека со поддршка од САД, ќе се забрзат неколку проекти од енергетиката кои се од огромно значење за нас и за регионот, а ќе придонесат и големи инвестиции.
“Како земја која си ја имаме поставено енергетската независност како цел, поврзувањето на енергетските коридори преку Бугарија и Грција, е од суштински и долгорочен интерес за нас. За време на посетата на Атина добивме поддршка од конзорциумот ‘Гастрејд’ за вклучување на Северна Македонија во изградба на терминалот за течен гас во близина на Александрополис во Грција. Со ова се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која потоа ќе стане точка од која ќе се дистрибуира гас пошироко во регионот. Со Фенон разговаравме за значењето на поддршката за интерконекторот за гас од Грција. Со тоа добиваме уште една можност за снабдување со гас од Азербејџан, од терминалите во Грција, Израел и други земји од источниот Медитеран. Овие проекти на нашата земја ќе и обезбедат стабилно и континуирано снабдување со гас, независност и конкурентни цени”, кажа Заев.
Освен за гасоводот, премиерот Заев и американскиот висок функсионер, разговарале и за повторно ставање во функција на нафтоводот Солун-Скопје, кој не е во функсија од 2013-та, кога престана со работа рафинеријата Окта.
“Престојат преговори со Хеленик петролеум и ќе најдеме пријателски решенија за овој капацитет да биде брзо ставен во функција. Освен домашните капацитети, Хеленик ќе ги снабдува со деривати и другите заинтересирани во регионот”, додал премиерот Заев.
А. Зеќири