Во Комисијата за заразни болести не се размислува, туку дефинитивно мора да има нови рестрикции, бидејќи е очигледно дека мерките што се оставени на совест на граѓаните не се почитуваат, вели директорот на Центар за јавно здравје Скопје, д-р Александар Стојанов. Тој предупредува дека ако се продолжи со непочитувањето на мерките, болниците ќе се преполнат со болни од ковид-19 и граѓаните пак ќе се жалат дека не може да се стигне до лекар, пренесува СДК.МК.
„Каде што се почитуваат мерките, нема ширење, но каде што не се почитуваат се шири и епидемиолозите не можат да постигнат со анкетите, бидејќи веќе не се знае кој од кого се заразил. Шест месеци ги убедуваме луѓето да ги почитуваат мерките. Повеќето не ги почитуваат, а тие што ги почитуваат страдаат од оние што не ги почитуваат. Една Шведска што ја фалат сите дека со либерален пристап ја решава кризата ги ограничи собирите на 50 души, а кај нас им дошло до трчање и до пеење на Школка во парк. Ќе почитувале дистанца, а кој ќе ги проверува? Вечерва ќе цупкаат во Дебар Маало, а утре ќе плачат дека не можат до лекар да стасаат. Не знам кого лажат дека протоколите се почитуваат, дека музиката ќе стои пет метри од масите, а гледаме дека музиката оди по маси. Со цупкање во Дебар Маало го оптоваруваме здравствениот систем и тој многу лесно може да падне“, вели епидемиологот Стојанов.
За средношколците кои протестираат и бараат да се вратат во училиште, Стојанов вели: „А бе ќе ве пуштиме во школо, ама ќе ги наполниме болниците, кај ќе ве ставиме после? Небаре ние да не знаеме дека треба да се учи, зарем треба некој да нè убедува дека треба да се учи, ние демек сме ненаучени и не почитуваме наука“.