Сериозен енергетски потенцијал – вака ги нарече премиерот Зоран Заев новите проекти во сферата на енергетиката кои ќе се реализираат со поддршка на САД. Заев најави поврзување со Грција и Бугарија, учество во Александрополис и нов договор со ОКТА за влегување во нашата земја.
„Знаете дека со интерконекторот веќе завршуваме со документацијата, имаме 14 милиони евра грант. Тоа е поврзување со Грција, истовремено сме при крај со документација за второто поврзување со Бугарија, Струмица-Петрич гасоводот.
Не знаете дека преговараме исто со Окта за пуштање на нафтоводот внатре. Под кои околности, ќе се договориме. Сето тоа е еден сериозен енергетски потенцијал. По посетата во Грција, денеска имавме состаноци, изразуваме желба да учествуваме со акции во Александрополис, со терминалите, како држава зборувам, не само компаниите.
Секако ние ќе букираме гас во иднина за нашите капацитети бидејќи е евтин американскиот течен гас, тука е азербејџанскиот, израелскиот, се тоа што доаѓа од Југоисточниот Медитеран. Веројатно ќе учествуваме со 25 % во гасна централа, размислуваме, секако ќе ги видиме условите, на Александрополис што е со капацитет дупла повеќе од нашиот дефицит.
Значи ако имаме два гигабајт часа дефицит, таа ќе произведува некои четири и пол, ние ќе учествуваме внатре за да можеме да обезбедиме комплетни”, изјави Заев.
Со новите проекти, тој рече дека Северна Македонија може да стане регионална раскрсница, а со тоа ќе придобие од тарифите за транзитирање на гасот во соседството.
„Ние сме земја членка во НАТО, нашата иднина е во тоа да станеме полноправна членка во Европска Унија и апсолутно сите вакви текови ќе ги искористиме, особено кога земјата ни е убава раскрсница каде што можеме преку нас да наплатиме тарифи, за транзитирање на тој гас кон Косово, Србија, и така натаму“ – нагласи премиерот Заев.