Иницијативниот одбор за промени во ВМРО-ДПМНЕ, составен од поранешни партиски и јавни функционери, кои после парламентарните избори побараа повлекување на партиското раководство предводено од Христијан Мицкоски, ја проблематизира легалноста на постапката за усвојување на новиот статут, пренесува Фокус.
Во жалбата поднесена до повисокиот Апелацискиот суд на 31 август годинава во однос на решението на надлежниот граѓански суд, со кое впрочем се одобрува новиот статут на ДПМНЕ, се оспорува мандатот на дел од членовите на Централниот комитет на партијата што го усвои „партискиот Устав“ на 21 јуни.
-Мандатот на поголемиот дел од членовите на Централниот комитет бил истечен во време кога е изгласан новиот статут и на тоа се темели жалбата до апелација – вели поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски, еден од фронтмените на иницијативата за промени во опозициската партија.
На тој начин, противниците на Мицкоски се обидуваат да го вратат на сила стариот статут, каде експлицитно беше наведено дека во работата на вонреден конгрес учествуваат старите делегати, односно делегатите од претходниот конгрес.
Како што е познато, тие бараат одржување на вонреден конгрес за изгласување на (не)доверба на Мицкоски, на кој ќе учествуваат токму старите делегати кои го избраа актуелниот партиски лидер на валандовскиот конгрес кон крајот на 2017 година, по повлекувањето на Никола Груевски.
Извор: Фокус