Полска и Литванија денеска повлекоа 35 дипломати од Белорусија, во рамки на силни дипломатски тензии со таа земја, која ги обвинува Варшава и Вилнус за поддршка на протестите по спорните претседателски избори на 9 август.
Како и неколку земји на ЕУ, Полска веќе го отповика амбасадорот од Белорусија. Одлуката за враќање на другите членови на дипломатскиот персонал следеше по барањето на белоруските власти, соопшти полското Министерство за надворешни работи.
„Ограничувањето на полскиот дипломатски персонал е непријателски гест на кој Полска ќе одговори навремено и на соодветен начин“, изјави заменик-министерот за надворешни работи, Марцин Пшидац, за новинската агенција ПАП, додавајќи дека Полска ќе повлече 30 дипломати.
Литванија, која претходно го врати амбасадорот од Минск, најави дека ќе повлече пет дипломати.
Литванија изрази надеж дека повлекувањето „остава простор за дијалог“, но додаде дека ќе преземе реципрочни мерки доколку Белорусија продолжи да ја влошува ситуацијата./МИА/