Разговорите помеѓу Бујар Османи и бугарскиот премиер Борисов били добри, но разговорот помеѓу Османи и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева не поминаа добро, одговори премиерот Заев на новинарско прашање за тоа како поминала посетата на министерот за надворешни работи Бујар Османи во Софија.
Заев одговори дека она што го предложила Захариева ниту е добрососедство, а најмалку европско однесување и ако тоа така остане треба да го подготвиме нашиот македонски народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција која што ја очекуваме во декември.
– Јас верувам дека тоа не е став на премиерот Борисов, мојот пријател и брат. Верувам дека тоа не е став и на бугарскиот народ. Ние ќе направиме сè во овие претстојни денови да изнајдеме решение. Ја прифативме заедничката, или општата историја како што ја викаат во Бугарија како нешто што е дел од нашата историја. Ние имаме и своја посебна историја и македонскиот народ и РС Македонија, како што имаат и бугарскиот народ и Бугарија, рече Заев.
Заев истакна дека е уверен дека постојат решенија на проблемите и дека тој и премиерот Борисов ќе изнајдат решение за ваквите историски прашања.
Решивме пет историски личности за заедничко чествување и постојат записници за тоа, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека Гоце Делчев, нашиот заеднички историски јунак е одличен мегдан за да не сплотува и да ја прошириме соработката.
– Уверен сум дека ќе постигнеме решение и ќе направиме сè што е во наша моќ за да продолжиме по европскиот пат. Нашиот сон е Европа која го признава и целосно го почитува правото на самоопределување. Ние сме Македонци, коишто зборуваме на македонски јазик, потенцира премиерот Заев кој заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и генералната директорка на АД „МЕПСО“, Ева Шуклева денеска присуствува на настан по повод пуштање во работа на далекуводот Неокази – Пробиштип.
Ј. Ѓорѓиоски