Кога пандемијата со коронавирусот е во полн налет, бројот на инфицирани расте, болничките капацитети се полнат, а здравствените работници се преморени, важно е сите да ги почитуваме мерките за заштита на здравјето, пишува во соопштението на СДСМ.
„Само со почитување на мерките, носење маска во затворени простори каде што може да се соберат повеќе лица во исто време и на отворен простор, држење дистанца, миење и дезинфекција на рацете и избегнување на групирање може да очекуваме намалување на бројките.
Во мерките против коронавирусот спаѓа и забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот и затворање на угостителските објекти во 23 часот. Исто така, преполовен е капацитетот на патници во јавниот превоз и важи препораката, ако е можно да се работи од дома, онлајн.
Самоизолација од моментот на закажување на тестот до добивање на резултатот е задолжителна, а во случај тестот да биде позитивен на вирусот ковид-19, лицето останува во изолација.
Инспекциските служби имаат поголеми ингеренции, а непочитувањето на мерките се казнува.
Овие мерки стапија на сила, откако парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и покрај опструкциите и одолговлекувањето од ВМРО-ДПМНЕ ги донесе измените на Законот за заштита на населението од заразни болести.
Од почетокот на пандемијата со коронавирусот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат неконструктивно и ги кочат, опструираат и критикуваат сите напори за справување со коронакризата, а сега организираат масовни собири, на кои се кршат мерките за заштита и го доведуваат во опасност јавното здравје.
Граѓаните знаат дека сега е неопходно сите да ги почитуваат мерките и протоколите за заштита од коронавирусот, само така заедно можеме да го намалиме ширењето на вирусот и да го заштитиме јавното здравје ,се наведува во соопштението на СДСМ.