Замислете Германија да инсистира дека Австрија треба да признае германските корени, заканувајќи се со тензии ако не го направи тоа! Со ваков коментар на Твитер се јави Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност, коментирајќи ја најновата изјава на шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева – дека С.Македонија треба да ја признае „историската вистина“, односно дека македонските јазик и идентитет се со бугарски корени, пренесе 360 степени.
„Замислете Шведска да ѝ го прави тоа на Норвешка. Чесите ова да им го кажат на Словаците. Апсурдно? Да! Тоа е она што го прави Бугарија, уривајќи го кредибилитетот на политиките на ЕУ за Балканот“, пишува Кнаус.
И Флориан Бибер, професор на Универзитетот во Грац и добар познавач на состојбите на Балканот, реагираше на последната изјава на Захариева за Ројтерс.
„Ернест Ренан го знаеше тоа подобро: Постоењето на нација е секојдневен референдум, исто како што постојаното постоење на индивидуа е вечна афирмација на животот“, напиша Бибер на Твитер.
Бугарија не го оспорува правото на Република Северна Македонија на самоопределување, ниту нивното право да го нарекуваат својот јазик како што сакаат. Ние сме подготвени да ја потврдиме сегашната реалност, но тие треба да ја признаат „историската вистина“, рече Захариева за Ројтерс.
Нашата загриженост е поврзана со постојаните тврдења на С Македионија кон македонско малцинство во нашата земја. Ако тие ги препознаат корените на нивната нација и јазик, ова ќе заврши“, додаде таа.
Извор: 360 степени