Министерот за економија Крешник Бектеши денеска одржа состанок со шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, амбасадорот Дејвид Гир. Тема на состанокот беше спроведување на економските реформи во нашата земја во насока на евроинтеграцискиот процес.
Министерот Бектеши го информираше евроамбасадорот дека Министерството за економија е носител на осум поглавја за хармонизација на европското право и усогласување со законодавството на ЕУ за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ.
Министерот се заблагодари за поддршката која што Министерството за економија ја има од ЕУ во изминатиот период, пред се во делот на реформите за зголемување на конкурентоста на економијата, трансформацијата на енергетскиот сектор во државата, но и во поддршка на туризмот.
Министерот истакна дека пристапниот процес кон Европската унија е од национален интерес за државата, а Министерството за економија како една од клучните институции во делот на спореведување на економските реформи ќе продолжи во засилено да работи на спроведување на европската агенда.
Амбасадорот Гир го реафирмираше ставот дека делегацијата на Европската Унија во Скопје ќе остане активен учесник во реформските процеси и потврди дека Владата може да очекува поддршка од ЕУ во проектите кои значат подобар живот на граѓаните.
Министерот Бектеши и евроамбасадорот Гир се согласија дека ќе продолжат со интензивна комуникација и следење на сите проекти кои се реализираат во заедничка соработка, со главна цел, подобар живот на сите граѓани во Северна Македонија.