Премиерот Зоран Заев денеска остварил комуникација со неговиот австриски колега Себастијан Курц во врска со терористичкиот напад што синоќа се случи во Виена, при што се убиени четири лица, а повредени се најмалку 17.
-Остварена е и директна комуникација меѓу премиерите Заев и Курц. Премиерот Курц изрази благодарност до премиерот Заев за искажаната солидарност и поддршка. Премиерите изразија подготвеност да ја продолжат комуникацијата и соработката во врска со терористичкиот напад доколку австриските служби утврдат таква потреба, соопштија од владината служба.
Претходно од Министерството за внатрешни работи информираа дека австриската полиција преку Европол доставила барање за соработка и информации околу овој случај и од страна на Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се постапува.