пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Александар Тијаниќ, новинарски прототип, уникат, „рачна изработка“ – разорно интелегентен и дрчен политички (што и тоа да значи) опсерватор, живописен one men show, кој од една страна делуваше револуционерно-еманципаторски во дотогашното секојдневно опкружување од сеoпшто чиновништво, а од друга страна го естрадизираше и таблоидизираше јавниот дискурс, само што во тоа време, зборуваме за осумдесетите години од дваесетиот век, сè уште беше присутно во „здрава“, односно релаксирачка мера, а во деведестите и после нив ќе прерасне во цунами од деградација, во што Тијаниќ – и по своето значење и формат – не можеше да биде без двојни заслуги, и во својство на „жртва“, и во својство на „џелат“, според потребата и според поводот.
Од матичниот НИН, кој од почетокот на осумдесетите па до издигнувањето на Милошевиќ беше најрепрезентативното перо во југословенскиот мејнстрим – а после лудачката Осма седница Тијаниќ е тивко протеран или поттурнат на страна да пишува за, што-ти-ја-знам, „за кошарка“, што, пак, од друга страна, „експлодира“ во весниците од другите југословенски републики, најмногу во Слободна и Неделна Далмација, загребски Данас и Старт, сараевското Ослободување и љубљанската Младина. Во тоа време заработи (авто)иронична титула „гигантот на хрватското новинарство“, ама поважно од тоа – а што секогаш се заборава – покрај осумдесетите години, во времето на организираното лудило, Тијаниќ беше еден од малкумината кои пишуваа критички против национализмот уште од првиот ден. Дотолку е чудно што подоцна се „зближи“ со некои негови протагонисти.
Да, заработи уште нешто: беше првиот новинар што заработи сериозни пари од пишување во весници – а подоцна, многу посериозно, основа и водеше неколку приватни и јавни телевизии.
Од 2004 година беше на чело на Радио телевизира Србија, и суштински ја обележи една цела нејзина деценија. Програмата на една страна премногу ја комерцијализира, затоа што беше дрчен да се такмичи со комерцијалните телевизии, а на другата страна со својот значаен авторитет и легендарна своеглавост, сепак се заштити од преексплицитните политички слаломи од страна. Колку е Александар Тијаниќ важен, ќе видиме во иднината. Ќе видиме дали РТС ќе ги преживее притисоците и директното ретроактивно зрачење на политичката моќ.
Го дигна својот глас во осумдесетите и веќе никогаш не го спушти на ниски фрекфенции, учествуваше во безбројни јавни расправи „со“ или „без“ покритие, успеа да биде во конфликт речиси со сите, и да создаде непријатели на сите страни. Му замеруваа сешто, со причина и без причина. Најбаналната, а веројатно и најчестата замерка беше дека „нема факултет“, а, пак, од друга страна, тие кои тоа му го замеруваа беа најдобар доказ колку тоа ништо не значи: ете, „илјадници од нив имаат факултет“, ама никој не стана Тијаниќ, ниту пак тоа што тој го поседуваше, а огромно мнозинство тоа нешто не го поседуваше, прашувајќи се воопшто дали тој човек може да дипломира.
Со голема скеспа му се замеруваше пријателството со Мира Марковиќ и слични личности кои припаѓаа на самото срце на таа колективна магла, или краткото и бесмислено министрување во владата на Милошевиќ. Периодите на блискост со некои крупни олигарси или важни политичари од него направија советник на Воислав Коштуница, тогашниот претседател на СРЈ – се разминуваа низ бурни реакции, обично „низ серии“ од текстовите на Тијаниќ. Најголемата болка на „граѓанска“ Србија, пак, е за текстот што Тијаниќ го напиша за Ѓинѓиќ: „Ако Ѓинѓиќ преживее, Србија нема“, и тоа, во лице на трагедијата, никогаш не му е простено ниту заборавено, без разлика што тој подоцна се обидуваше да разјасни што со тоа мислел и планирал да каже. Некои работи едноставно се непоправливи, некои штети не можат да се надокнадат.
Александар Тијаниќ почина 2013 година како еден од оние јавни луѓе за кои луѓето баш сакаат да имаат некакво мислење – неретко без солиден осврт на фактите, а камо ли на комплексноста на една биографија, комплексноста на една човечка судбина. Колку што можам да проникнам: кај другите луѓе ценеше и бараше памет и талент, без разлика што сè друго може да ги раздели, а презираше луѓе без овие особини, пропратено со огромно присуство на претенциозност. Некои нијансиери засекогаш ќе жалат за оној тивок Тијаниќ што пишуваше за НИН, за некои тоа е неговото најголемо време и капитал низ кој си ги покажал своите раскошни писателски таленти. На некои други тоа не им е важно, затоа што љубат за да љубат и мразат за да мразат сè од тој разулевен Тијаниќ, гласниот медиумски „актер“ – ама и цело време луциден сведок – на една општествена калакурница во која (низ очите на ТијаниЌ) го видовме нејзиниот почеток, ама никако да го видиме и нејзиниот крај.
Како сакате наречете го Тијаниќ, ама една работа не му одеше од рака: ниако да остане неприметен и безначаен, никако да предизвика рамнодушност и досада. Припаѓаше на онаа сорта на луѓе што секогаш правеше разлика, и на добро и на помалку добро. Таквите се ужасно малку, бројот рапидно и опаѓа од ден на ден. Погледајте снимки на Јутјуб од раните осумдесети, сигурен сум дека ќе знаете за што зборувам. А, ако не дознаете, јебига, барем се обидов, а вас со сигурност ќе ве покријат зимските снегови.
Текстот е личен став на авторот