Блокрањето на Северна Македонија на патот кон Европската Унија може да ја стави Бугарија во изолација во Унијата и регионот, како и да предизвика антибугарски чувства во Северна Македонија, смета бугарскиот дипломат и директор на Институтот за економија и меѓународни односи, Љубомир Ќучуков.
„Јас сум скептичен кон самата идеја за блокирање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ бидејќи тоа е во прилог на македонизмот и генерира многу сериозни антибугарски чувства кај нашиот сосед ставајќи ја Бугарија во меѓународна изолација – во рамките на Европската Унија и во регионот. Со тоа се компромитира нашиот сопствен приоритет за време на претседателството на Советот на ЕУ за пристапување кон Западен Балкан“, вели Ќучуков.
Тој смета дека блокадата за ЕУ е негативен елемент. Оценува дека дијалогот на дипломатско ниво е исклучително тежок, но решението треба да се бара таму.
Ќучуков објасни дека договорите на Северна Македонија со Грција и Бугарија радикално се разликуваат.
„Грција се обидува да докаже дека нема ништо заедничко со Република Северна Македонија, а ние се обидуваме да докажеме дека сè ни е заедничко, а тоа е процес бидејќи станува збор за промена на свеста на луѓето“, вели Ќучуков.
Објаснува дека проблемите со Грција завршуваат со потпишувањето на договорот, а решавањето на проблемите меѓу Бугарија и Северна Македонија почнуваат со потпишувањето на договорот.
„Ова е договор што ја дава основата бидејќи, без него, Бугарија немаше да има никаква можност да го иницира прашањето во ЕУ“, заклучи бугарскиот дипломат.




