Сите ситнозрнести честички што во одредени услови може да лебдат во воздушната средина и постепено да се таложат под дејството на гравитацијата, според дефиницијата на IUPAC (1990), со заедничко име се нарекуваат суспендирани честички или аеросоли, објаснува проф. д-р Дејан Мираковски, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и раководител на Лабораторијата за животна и работна средина „Амбикон“, која работи во рамките на УГД. Според него, во воздухот вообичаено се јавува сложена смеса на органски и/или неоргански честички, во цврста или течна состојба, од природно или антропогено потекло.
Појавите на зголемени концентрации на овие честички кои се видливи со око се познати како прашина, чад, магла, саѓи, смог… Токму според својствата и ефектите што овие честички ги имаат врз изложените организми, тие се делат на две основни (групи):
– фракција PM10 или честички со аеродинамички дијаметар помал од 10 микрометри, кои влегуваат во горниот дел од респираторниот систем, а најчесто се составени од механички иситнети цврсти честички, полен и спори;
– фракција PM2,5 или „фина“ фракција на честички со аеродинамички дијаметар под 2,5 микрометри (µm), а кои може да навлезат дури до бронхиолите и алвеолите во белите дробови, поради што и се сметаат за поопасни за човековото здравје. Најчесто оваа фракција содржи честички добиени од разните процеси на согорување.
Извор: Факултети МК