На 17-ти ноември кога е закажан состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, Бугарија ќе го блокира почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија, порача бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во гостување на бугарската телевизија Канал 3.
Според Каракачанов, македонската страна не направила чекор напред кон приближување на позициите за отворените прашања со Софија.
„Јас сум подготвен и на Коледе да работам, и да преговараме на Бадник и Нова година. Ако до 31-ви се подготвени да ги прифатат нашите позиции, нема проблем. Но, во моментов, јас не гледам никакви индикации во Скопје да има желба да седнат и искрено да разговараат за проблемите. Не може да настапуваат со аргументи „ама ова е нашиот идентитет“. Чекајте, тоа е ваш идентитет, но измислен“, вели Каракачанов.
Каракачанов обвини дека „Македонија води антибугарска политика, образувајќи генерација по генерација млади луѓе во омраза кон бугарскиот народ“.
Според него, политичката елита во земјата продолжува да води политики, кои ја оддалечуваат од европската заедница.