Продукцијата на македонскиот документарец „Медена земја“, кој во февруари годинава имаше историски две номинации за Оскар, вели дека сите досега собрани средства преку Здружението на граѓани „Бекирлија“ одеднаш ќе им бидат бидат префрлени на протагонистите Атиџе Муратова и семејството Сем, наместо да се најде правно решение тие да добиваат месечни надоместоци, а притоа да не биде загрозена социјалната помош што веќе ја примаат. Исто така, Здружението, како и страницата за донации, ќе бидат затворени, пишува СДК.мк.
На отворената сметка на Зружението на граѓани „Бекирлија“ собрани се средства, а меѓу другото, со свои издвоени средства учествуваа и Владата, како и Советот на Град Скопје, но, велат од продукцијата, како дополнителен проблем се јави и социјалната помош, која протагонистите ја земаат редовно.
„Доколку им беа исплатени други средства, тогаш, по автоматизам, социјалната помош ќе им беше укината. Затоа, од институциите чекавме да биде изработен модел за месечно исплаќање на конкретна сума, без да ја изгубат постојната социјалната помош. Со цел да не се доведува јавноста во заблуда на каков било начин, одлучивме сите досега собрани средства одеднаш да бидат префрлени на протагонистите, наместо да се најде правно решение тие да добиваат месечни надоместоци, а притоа да не биде загрозена социјалната помош што веќе ја примаат“, вели тимот.