По 9 септември 1944 година, Бугарија со 130 илјади војници се придружила кон антифашистичката коалиција и учествувала во антифашистичката борба на територијата на Југославија и Унгарија, до конечната капитулација на Германија. Ова е навод содржан во лекција од учебникот по предметот Историја за деветто одделение од кој учат основците во земјава, објави 360 степени.
Учебникот од авторите д-р Ѓорги Павловски, проф. Димка Ристовска, д-р Владо Велковски, проф. Аријан Аљадеми и проф. Халид Сејди првпат е издаден во 2005 година, тогаш како учебник за осмо одделение.
Во продолжение, интегрално ја пренесуваме таа наставна единица, под наслов „Антифашистичкиот отпор на Бугарија“.
АНТИФАШИСТИЧКИОТ ОТПОР НА БУГАРИЈА
Привремените успеси на надворешен план на Бугарија не го попречиле внатрешниот отпор против фашизмот. По нападот на Германија на Советскиот Сојуз во јуни 1941 година, БКП го повикала бугарскиот народ на антифашистички отпор. Првите знаци на отпор се појавиле во Разловечко, Дупничко и други места. По Сталингратската битка, малите партизански групи се претвориле во одреди: Чавдар, Антон Иванов, Христо Ботев, Рилско–Пиринскиот одред и др. Бугарија била поделена на 12 операциони зони и се формирал Главен штаб на партизанското движење.
Во периодот од 1943 до 1944 година во Бугарија дејствувале 30 илјади партизани. Развитокот на антифашистичкиот отпор ја вознемирил бугарската влада. Политиката на репресии била сѐ поприсутна. За секој убиен партизан владата давала награда од 50 илјади лева.
Поразите на фашистичка Германија на Источниот фронт силно се одразиле и на политичкиот живот во Бугарија.
Преминувањето на Дунав и влегувањето на Црвената армија во Бугарија ја изменило внатрешната политичка ситуација. На 9 септември 1944 година во Бугарија бил извршен преврат и се формирала нова влада. По 9 септември, Бугарија со 130 илјади војници се придружила кон антифашистичката коалиција и учествувала во антифашистичката борба на територијата на Југославија и Унгарија, до конечната капитулација на Германија.